1. Навуходоносор, цар на сите племиња, народи и јазици по сета земја: „Да изобилувате со мир!
2. Ми се допадна да ви ги откријам знаците и чудесата што Сèвишниот Бог ги направи врз мене.
3. Колку се големи Неговите знакови! Колку се силни Неговите чудеса! Неговото Царство - е вечно Царство! Неговата власт е за сите поколенија!
4. Јас, Навуходоносор, живеев мирно во својата куќа и среќно во својот дворец,
5. кога видов сон што ме исплаши. Привидите и виденијата што се мотаа во мојата глава, на моето легло ме возбудија.
6. И наредив: да ми ги повикаат сите гаталци вавилонски за да ми кажат што означува сонот.
7. Тогаш дојдоа јасновидците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав својот сон, а тие не знаеја да ми го кажат неговото значење.
8. Тогаш пред мене дојде Даниел, кој е наречен Валтазар според името на мојот бог, и во кого живее Духот на Светиот Бог. Јас му го раскажав својот сон:
9. ‘Валтазаре, старешино на гаталците, знам дека во тебе живее Духот на Светиот Бог и дека ниедна тајна не ти е претешка: еве го сонот што го имав: дај ми го неговото значење.