Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 12:20-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше.

21. А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!”

22. А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’

23. А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!”

24. Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува

25. и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа.

26. Јоав нападна на Рава на Амоновите синови и го освои царскиот град.

27. Тогаш Јоав испрати гласници кај Давида со порака: „Јас нападнав на Рава и го освоив градот покрај водата.

28. Сега ти собери ја другата војска, опколи го градот и заземи го, за да не го освојам јас градот и да му го дадам своето име.”

29. И Давид ја собра сета војска, тргна против Рава, го нападна градот и го зазеде.

30. Тогаш ја симна круната на нивниот цар од неговата глава, што беше тешка еден златен талант; во неа имаше бесценет камен, и ја положија врз Давидовата глава. И многу богат плен однесе од градот.

31. А народот што беше во него го изведе и го стави да работи кај пилите, и со железни копачи, и со железни секири, и го употреби за работа во туланите. И така исто им правеше на сите градови на Амоновите синови. Потоа Давид се врати, со својата војска во Ерусалим.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 12