1. И по шест дни Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо.
2. И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината.
3. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него.
4. А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.”
5. Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!”
6. И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија.
7. А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!”
8. И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот.
9. И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.”
10. И Неговите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?”
11. А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сè.
12. Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.”
13. Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јована Крстител.
14. И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече:
15. ”Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата.
16. И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.”
17. И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.”
18. И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час.