30. И Исус му рече: „Вистина ти велам, дека ти денес, во оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.”
31. Но тој уште поупорно зборуваше: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!” И сите го велеа истото.
32. И дојдоа до место, по име Гетсиманија, и им рече на Своите ученици: „Седете тука, додека се помолам!”
33. И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува.
34. И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!”
35. И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час,
36. и велеше: „Ава, Татко! Сè е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!”
37. И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час!
38. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.”
39. И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва.
40. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат.
41. И дојде по третпат и им рече: „Сè уште спиете и почивате!” Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во грешнички раце.
42. Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!”
43. И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него множество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините.
44. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.”
45. И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.”
46. А тие ставија раце на Него и Го фатија.
47. А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.
48. Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите!
49. Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!”