2. И ги испрати да го проповедаат Божјото Царство и да исцелуваат болни.
3. И им рече: „Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребреници! Ниту да имате по две облеки.
4. И во која куќа и да влезете, останете и оттаму тргнувајте.
5. И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете го правот од своите нозе, за сведоштво против нив!”
6. Тогаш отидоа и одеа по селата, проповедувајќи го Евангелието и исцелувајќи насекаде.
7. А четворовласникот Ирод чу за сè што се случува и беше во голема неприлика, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите;
8. други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци.
9. Ирод рече: „На Јована јас му ја отсеков главата, но Кој е Овој за Кого слушам такви работи?” И бараше да Го види.
10. А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сè што направиле. И ги зеде со Себеси и се повлече насамо, спроти градот наречен Витсаида.
11. Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. И Тој ги прими и им зборуваше за Божјото Царство и ги оздравуваше оние, кои имаа потреба од исцелување.
12. А кога денот почна да превалува, Дванаесетте Му пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди во околните села и селца, за да најде преноќиште и јадење, зашто сме тука во пусто место!”
13. Тој пак им рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие рекоа: „Немаме повеќе од пет леба и две риби; освен ние да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!”
14. Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: „Седнете ги во купчиња по педесет!”