26. Горко вам, кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас; зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци.
27. Но, на вас - кои слушате - ви велам: „Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние, кои ве мразат.
28. Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат.
29. На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата.
30. Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе.
31. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним.
32. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив.
33. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото.
34. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку.
35. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.
36. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив.
37. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!
38. Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.”