30. Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нè!’
31. Зашто, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото.
32. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него.
33. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и злочинците - едниот оддесно, а другиот одлево.
34. А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!” Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка.
35. Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!”
36. Му се потсмеваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина;
37. и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!”
38. А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.”
39. А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!”
40. А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден.
41. И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.”
42. И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!”
43. А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.”
44. А беше веќе околу шестиот час, кога настана темнина по целата земја до деветтиот час,
45. при што сонцето ја изгуби својата светлина, а завесата во Храмот се расцепи на средина.
46. Тогаш Исус извика со силен глас: „Татко, Го предавам Својот дух во Твои раце.” И кога го рече - издивна.