11. Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.”
12. Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.”
13. Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите.
14. А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите.
15. Тогаш пак го прашаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.”
16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.” Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана раздор меѓу нив.
17. Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е!”
18. Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал,
19. и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?”