12. И многу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!” а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.”
13. Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците.
14. А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше.
15. Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?”
16. Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил.
17. Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе.
18. Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда.
19. Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?”
20. Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?”
21. Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите.
22. Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек.
23. Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота?
24. Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!”
25. Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат?
26. А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос?