18. Тој нè роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија.
19. Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев,
20. зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога.
21. Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души.
22. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.
23. Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало;
24. ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил.
25. А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност.
26. Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна.
27. Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.