1. Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот.
2. По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е;
3. а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот.
4. Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот.
5. Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша.
6. Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нè слуша нас; кој не е од Бога не нè слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата.
7. Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога.
8. А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов.
9. Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.
10. Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови.
11. Возљубени, ако Бог нè возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг.
12. Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас.
13. По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух.
14. И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот.
15. Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога.
16. И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него.