поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Римјаните 9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Бог и одбраниот народ

1. Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест во Светиот Дух –

2. дека има голема тага и непрестана болка во моето срце.

3. Зашто повеќе би сакал јас да бидам проклет и одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници по тело.

4. Тие се Израилци – ним им припаѓа посинувањето и славата и заветите, ним им беше даден Законот, и богос­лу­же­ње­то и ветувањата;

5. нивни се и татковците, од кои по­тек­нува и Христос, Кој е Бог на сите, бла­гословен до века. Амин!

6. А не е можно словото Божјо да из­неверило: бидејќи не се Израил сите оние што се од Израил.

7. Ниту, пак, се сите потомци Авра­амови, затоа што се негови чеда; но ре­чено е: „Од Исак потомството ќе се нарече со твое име.“

8. Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци.

9. Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: „Во тоа време ќе дојдам и Сара ќе има син.“

10. И не само таа, но и Ревека, која на­еднаш зачна од Исак, нашиот татко,

11. зашто, уште додека не се беа родиле близнаците и сѐ уште ништо не беа на­правиле, добро или лошо, за да остане така како што Бог по избор одредил,

12. не заради делата, туку заради Оној Кој повикува, ѝ беше речено: „По­стариот ќе му служи на помладиот“,

13. како што е напишано: „Јаков го возљубив, а Исав го намразив.“

14. Што да речеме пак? Зар има не­правда во Бога? Никако!

15. Зашто Тој му рече на Мојсеј: „Ќе покажам милост кон оној што ќе го по­милувам, и сожалување кон оној што ќе го сожалам.“

16. И затоа, изборот не зависи од оној кој пожелува, ниту од оној кој трча, туку од Бога, Кој покажува милост.

17. Зашто Писмото му вели на фара­онот: „Токму за тоа те издигнав, за да ја покажам над тебе Својата моќ и името Мое да биде проповедано по целата земја.“

18. Па така, му искажува милост кому што сака, и го закоравува кого што сака.

Божјиот гнев и Божјата милост

19. Но ти секако ќе ми речеш: „А зош­то тогаш уште нѐ кори?“ А кој може да се спротивстави на Неговата волја?

20. Ама, човеку, кој си ти што така се спориш со Бога? Зарем она што е рако­творено ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво?

21. Или, пак, грнчарот – зарем не е господар над својата глина, па од една и иста смеса да направи еден сад за по­чес­на, а друг за нечесна употреба?

22. Што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост трпел некои садови на гневот, приготвени за погибел,

23. за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на мило­срдието што Тој однапред ги приготвил за слава,

24. над нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците?

25. Така се вели и во книгата на Осија: „Ќе го наречам Мој народ оној кој не беше Мој народ, и возљубена – онаа што не беше возљубена.“

26. И на она место, каде што им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.

27. А Исаија извика за Израил: „Кога Израилевите синови би биле бројни ка­ко морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен“,

28. зашто ќе го заврши делото и ќе ре­ши по правда: „Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата.“

29. И како што прорече Исаија: „Ако Господ Саваот не ни беше оставил по­томство, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора.“

Израил и Евангелието

30. И што да кажеме сега? Незнабош­ците, кои не бараа праведност, добија праведност, и тоа праведност што доаѓа од верата.

31. И Израил, кој тежнееше кон не­ка­ков закон за праведност, не го достигна Законот на правдата.

32. Зошто? Зашто не го побара од вера, туку од делата на Законот. Се препна од каменот за сопнување,

33. како што е напишано: „Еве, пола­гам на Сион камен за сопнување и кар­па за соблазна; и секој, кој верува во Не­го нема да се посрами.“