Нов Завет

Римјаните 6:4-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. И така, ние се погребавме со Него преку крштевањето во смртта, за да мо­жеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот.

5. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението,

6. знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот;

7. бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот.

8. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме,

9. знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него.

10. Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го жи­вее, за Бога го живее.

11. Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ.

12. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!

13. Не препуштајте му ги на гревот ва­шите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото ка­ко орудија на праведноста.

14. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.

15. Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако!

16. Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за пос­луш­ност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност?

17. Но, благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце се покоривте на оној образец на поука, на која ѝ се предадовте.

18. И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста.

Прочитајте целосна глава Римјаните 6