10. Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле.
11. А освен тоа, и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување.
12. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија.
13. Навистина и порано уште пред Законот имаше грев во светот, но гревот како таков не може да се прифати, кога нема закон.
14. А сепак смртта царуваше уште од Адам, па сѐ до Мојсеј и над оние што не погрешија според престапот на Адам. Тој е пралик на Оној што требаше да дојде.
15. Но, со дарот не е исто како и со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина.
16. А тој дар е сосема поинаков од гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување.
17. Бидејќи, доколку со престапувањето на еден завладеала смртта преку едниот, дотолку повеќе оние, што го примија изобилието на благодатта и дарот на праведноста, ќе царуваат во животот преку еден – Исус Христос.
18. И така, како што преку еден престап дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот.
19. Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.
20. А притоа дојде и Законот за да се наголеми престапот. Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност,
21. та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.