1. Слабиот во вера прифатете го, но без расправии за мислењата!
2. Еден верува дека може да јаде сѐ, а слабиот во верата јаде само зеленчук.
3. Кој јаде, нека не го укорува оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил.
4. Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа, а ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи.
5. Така некој разликува еден ден од друг, а некој друг, пак, сите денови ги смета еднакви. Секој нека биде наполно уверен во своето мислење.
6. Оној што ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разликува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Го фали Бога.
7. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе;
8. туку, било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме.