Нов Завет

Откровение 5:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга напи­ша­на однатре и однадвор, запечатена со седум печати.

2. И видов силен ангел што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“

3. И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.

4. И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја про­чита таа книга, ниту да ѕирне во неа.

5. А еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“

6. Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со се­дум­те рога и седумте очи, кои се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.

7. Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.

8. И кога ја зеде книгата, четирите жи­вотни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите;

9. и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,

10. и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“

11. Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони,

12. кои зборуваа со висок глас: „Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“

Прочитајте целосна глава Откровение 5