Нов Завет

Откровение 20:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја:

2. го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години;

3. потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до за­вр­шу­ва­њето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време.

4. И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и ду­шите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на ра­це­те свои и оживеаја и царуваа со Хрис­тос илјада години.

5. Другите, пак, од умрените не ожи­ве­аја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение.

6. Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада го­дини.

7. А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој,

8. и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.

9. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта.

10. А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови.

Прочитајте целосна глава Откровение 20