Нов Завет

Откровение 14:11-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!“

12. Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.

13. Чув глас од небото како да ми вели: „Напиши – блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, зашто делата нивни ги следат!“

14. И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката – остар срп.

15. И друг ангел излезе од храмот и из­вика со силен глас на Оној што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: бидејќи житото на земјата е зрело!“

16. И Оној што седеше на облакот го фрли српот свој на земјата и земјата бе­ше пожнеана.

17. И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп.

18. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: „Фрли го српот свој и обе­ри го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!“

19. И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев,

20. и се изгмечи кацата надвор од гра­дот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии.

Прочитајте целосна глава Откровение 14