Нов Завет

Откровение 14:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Потоа видов: ете, Јагнето стои на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.

2. И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на харфисти што свират на харфите свои

3. и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и старешините; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто чети­ри­есет и четири илјади, кои беа откупени од земјата.

4. Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето,

5. и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Бож­ји.

6. И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.

7. Тој зборуваше со висок глас: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Не­го­виот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“

8. И друг ангел се појави по него, ве­лејќи: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!“

9. И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја,

10. тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде ма­чен со оган и сулфур пред светите ан­гели и пред Јагнето.

11. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!“

12. Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.

Прочитајте целосна глава Откровение 14