Нов Завет

Матеј 7:14-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

14. а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат.“

15. „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.

16. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?

17. Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови;

18. не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.

19. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.

20. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“

21. „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата.

22. Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘

23. И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите беззаконие!‘“

24. „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе го споредам со мудар човек кој си изградил куќа на камен.

25. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен.

26. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.

27. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“

28. И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,

29. зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.

Прочитајте целосна глава Матеј 7