Нов Завет

Матеј 25:30-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

30. а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“

31. „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,

32. и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од козите;

33. и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.

34. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот;

35. зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

36. необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘

37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?

38. Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?

39. Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?‘

40. А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.‘

41. Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели!

42. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;

43. странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘

44. Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти послуживме?‘

45. Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ниту за Мене не сте го направиле.‘

46. И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“

Прочитајте целосна глава Матеј 25