Нов Завет

Матеј 21:17-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. И кога ги остави, излезе надвор од градот, во Витанија, и таму преноќи.

18. А утредента, враќајќи се во градот, огладне;

19. и виде покрај патот смоква, па отиде до неа; откако не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Од сега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.

20. Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“

21. А Исус им одговори и рече: „Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе го правите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете – дигни се и фрли се в море, ќе биде.

22. И сѐ што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете.“

23. И кога дојде Тој во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“

24. А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова.

25. Крштевањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа меѓу себе и велеа: „Ако кажеме – од небото, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘

26. А ако речеме: – од луѓето, се плашиме од народот; зашто сите го сметаа Јован за пророк.“

27. И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ниту Јас не ви кажувам со каква власт го правам ова.“

28. „Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘

Прочитајте целосна глава Матеј 21