4. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: „Каде ќе се роди Христос?“
5. А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот:
6. ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил.‘“
7. Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата,
8. па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам.“
9. Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре одозгора, каде што беше Младенецот.
10. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се зарадуваа со голема радост.
11. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна.
12. И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја.
13. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф на сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.“
14. И откако стана, Го зеде Новороденчето и мајка Му ноќно време и отиде во Египет.
15. И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Мој.“
16. Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го надитрија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите деца во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците.
17. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој говори: