Нов Завет

Матеј 19:16-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

16. И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“

17. А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“

18. Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;

19. почитувај го татка си и мајка си; љуби го ближниот свој како себеси!“

20. Младичот Му рече: „Сето тоа сум го запазил од својата младост; што уште ми недостасува?“

21. Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“

22. Штом го чу младиот човек кажаново, си отиде натажен, бидејќи имаше многу имот.

23. А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, дека богат тешко ќе влезе во царството небесно;

24. и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“

25. Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

26. А Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“

27. Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе појдовме: што ќе стане, со нас?“

28. А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена;

29. и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе добие стопати повеќе и ќе наследи живот вечен.

30. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“

Прочитајте целосна глава Матеј 19