Нов Завет

Матеј 19:11-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. А Тој им рече: „Не може секој да го прифати кажаново, освен оние на кои им е дадено;

12. зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“

13. Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им забрануваа.

14. Но Исус рече: „Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“

15. И откако ги положи рацете над нив, си отиде оттаму.

16. И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“

17. А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“

18. Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;

19. почитувај го татка си и мајка си; љуби го ближниот свој како себеси!“

20. Младичот Му рече: „Сето тоа сум го запазил од својата младост; што уште ми недостасува?“

21. Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“

22. Штом го чу младиот човек кажаново, си отиде натажен, бидејќи имаше многу имот.

23. А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, дека богат тешко ќе влезе во царството небесно;

24. и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“

25. Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

26. А Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“

27. Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе појдовме: што ќе стане, со нас?“

Прочитајте целосна глава Матеј 19