Нов Завет

Матеј 19:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Кога ги заврши Исус тие зборови, замина од Галилеја и дојде во пределите јудејски, отаде Јордан.

2. По Него идеше многу народ и Тој ги исцели таму.

3. И Му пристапија фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Дали му е допуштено на човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“

4. Тој им одговори и рече: „Не сте ли читале, дека Оној што ги создаде во почетокот, машко и женско ги создаде,

5. и рече: ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘

6. Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.“

7. Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да се даде разводно писмо и таа да се отпушти?“

8. Тој им рече: „Заради тврдокорноста на вашите срца Мојсеј ви дозволи да ги отпуштате жените свои; но во почетокот не беше така.

9. Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен заради прељуба, и се ожени со друга, тој врши прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, исто така прељубодејствува.“

10. Учениците Негови Му рекоа: „Ако е таква положбата на човекот кон жената, подобро да не се жени!“

11. А Тој им рече: „Не може секој да го прифати кажаново, освен оние на кои им е дадено;

12. зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“

13. Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им забрануваа.

14. Но Исус рече: „Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“

15. И откако ги положи рацете над нив, си отиде оттаму.

16. И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“

17. А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“

18. Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;

19. почитувај го татка си и мајка си; љуби го ближниот свој како себеси!“

20. Младичот Му рече: „Сето тоа сум го запазил од својата младост; што уште ми недостасува?“

Прочитајте целосна глава Матеј 19