Нов Завет

Матеј 16:7-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

7. А тие помислија во себе и си рекоа: „Тоа е што не зедовме леб!“

8. Но Исус ги разбра и им рече: „Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?

9. Уште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души, и колку кошеви собравте?

10. Ниту за седумте леба на четири илјади души, и колку кошници собравте?

11. Како не разбирате дека не за леб реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘“

12. Тогаш разбраа дека Тој им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.

13. И кога дојде Исус во областа на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“

14. Тие одговорија: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои Еремија или еден од пророците.“

15. А Тој им рече: „А вие, што мислите, Кој сум Јас?“

16. Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“

17. Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.

18. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.

19. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.“

20. Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос.

21. Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвеш­те­ни­ците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

22. А Петар Го повлече настрана, почна да Го одвраќа, велејќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“

23. Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“

24. Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;

Прочитајте целосна глава Матеј 16