17. Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.
18. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
19. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.“
20. Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос.
21. Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
22. А Петар Го повлече настрана, почна да Го одвраќа, велејќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“
23. Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“
24. Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;
25. зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде:
26. зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
27. Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.
28. Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“