Нов Завет

Матеј 11:20-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

20. Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа.

21. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудата, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел;

22. но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам!

23. И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.

24. Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“

25. Во тоа време, одговори Исус и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил тоа на децата!

26. Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.

27. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.

Прочитајте целосна глава Матеј 11