Нов Завет

Матеј 11:19-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, и велат: ‚Еве човек јадач и винопиец, пријател на цариниците и грешниците.‘ Но мудроста се оправда преку своите чеда.“

20. Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа.

21. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудата, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел;

22. но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам!

23. И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.

24. Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“

25. Во тоа време, одговори Исус и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил тоа на децата!

26. Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.

27. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.

28. Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам;

29. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши;

30. Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“

Прочитајте целосна глава Матеј 11