Нов Завет

Матеј 10:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.

2. А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов;

3. Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј;

4. Симеон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.

5. Овие дванаесетмина ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте;

6. а одете најнапред кај загубените овци на Израилевиот дом.

7. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;

8. болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!

9. Не носете во појасите ваши ниту злато, ниту сребро, ниту бакар,

10. ниту торба за пат, ниту двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата прехрана!

11. А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си отидете.

12. И кога ќе влезете во куќата, поздравете ја говорејќи: ‚Мир во овој дом!‘

13. И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас!

Прочитајте целосна глава Матеј 10