31. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.
32. И отидоа со кораб сами во осамено место.
33. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија и се собраа околу Него.
34. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.
35. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Пусто е местово, а и доцна е;
36. распушти ги за да отидат по околните села и населби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“
37. Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да појдеме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“
38. Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“
39. Тогаш Исус им рече на сите да поседнат по групи по зелената трева.
40. И поседнаа во групи по сто и по педесет.
41. Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите.
42. И јадеа сите и се наситија.
43. И собраа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви.
44. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.
45. И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти народот.
46. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли.
47. Приквечер коработ беше сред морето, а Тој сам на копното.
48. И ги виде како се мачат при пловењето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.
49. А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат;
50. Зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“