23. И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“
24. А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25. Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат во царството Божјо.“
26. А тие се чудеа многу и си велеа меѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“
27. Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“
28. И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.“
29. А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Мене и Евангелието,
30. а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен.
31. И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“
32. Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие се чудеа и одеа по Него со страв. И кога ги повика повторно дванаесетмината, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
33. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
34. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“
35. Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.“
36. Тој ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“
37. А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“
38. Но Тој им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето, со кое се крштевам Јас?“
39. Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата, пак, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите;