20. А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“
21. Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште едно ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.“
22. Тој се натажи кога ги чу овие зборови, и си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23. И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“
24. А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25. Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат во царството Божјо.“
26. А тие се чудеа многу и си велеа меѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“