14. И кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да доѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е царството Божјо.
15. Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“
16. И откако ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
17. А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“
18. Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог!
19. Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не убивај; не кради; не сведочи лажно; не чини неправда; почитувај ги татка си и мајка си.“
20. А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“
21. Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште едно ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.“
22. Тој се натажи кога ги чу овие зборови, и си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23. И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“
24. А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25. Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат во царството Божјо.“