Нов Завет

Лука 7:8-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

8. зашто и јас сум човек под власт, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа‘ – и тој прави.“

9. Штом го слушна тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: „Ви велам, ниту во Израил не најдов толкава вера!“

10. А кога испратените се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.

11. Потоа отиде во градот наречен Наин; и со Него одеа Неговите ученици и многу народ.

12. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.

13. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“

14. И кога прстапи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“

15. Мртовецот се подигна и седна, па почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му.

16. И страв ги обзеде сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ.“

17. И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.

18. И му соопштија на Јован учениците негови за сето тоа.

19. Јован, пак, повика двајца од своите ученици и ги испрати кај Исус, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“

20. И кога дојдоа кај него, тие луѓе Му рекоа: „Јован Крстителот нѐ прати кај Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘“

21. Во тој час Тој исцели мнозина од болести, и од рани, и од демони, и на мнозина слепи им подари вид.

22. И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јован што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;

23. и блажен е оној кој не ќе се соблазни поради Мене.“

24. А кога си отидоа учениците Јованови, Тој почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветар?

25. Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат прекрасно и живеат раскошно, по царски палати се.

26. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.

Прочитајте целосна глава Лука 7