Нов Завет

Лука 7:30-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

30. а фарисеите и закониците ја отфрлија Божјата волја за нив, и не се крстија од него.

31. А Господ рече: „Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?

32. Тие личат на деца што седат по пазариштата и довикуваат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме, а вие сепак не игравте; ви пеевме жални песни и сепак не плачевте!‘

33. Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Демонот е во него.‘

34. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек јадач и винопиец, пријател на цариниците и грешниците!‘

35. А Мудроста беше оправдана од сите нејзини чеда.“

36. Еден од фарисеите Го покани да јаде со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.

37. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро;

38. па откако застана одзади покрај Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше нозете Негови и ги помазуваше со миро.

39. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.“

40. Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ А тој рече: „Кажи, Учителе!“

41. Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет.

42. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата. Кажи, кој од нив повеќе ќе го милува?“

43. Симон одговори и Му рече: „Мислам оној, кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди.“

Прочитајте целосна глава Лука 7