Нов Завет

Лука 21:7-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

7. И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“

8. Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!

9. А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот е веднаш.“

10. Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство;

11. а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото.

12. А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве гонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.

13. И тоа ќе ви биде вам за сведоштво.

14. И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите,

15. зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.

16. Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени;

17. и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.

18. Но, ниту влакно од главата ваша нема да загине;

19. со трпение спасувајте ги душите свои.“

20. „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, тогаш знајте дека е блиску неговото запустување.

21. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,

22. зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.

23. Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;

24. и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“

Прочитајте целосна глава Лука 21