Нов Завет

Лука 2:37-52 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

37. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.

38. Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им говореше за Него на сите што очекуваа избавување во Ерусалим.

39. И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.

40. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.

41. И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.

42. А кога Тој беше на дванаесет години, тие отидоа во Ерусалим, според обичајот на празникот.

43. Но, кога се завршија празничните денови, додека се враќаа дома, детето Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа.

44. Мислејќи дека е Тој меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараат меѓу роднините и познатите.

45. Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.

46. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува;

47. сите што Го слушаа, беа восхитени од остроумноста и од одговорите Негови!

48. Кога Го видоа, се зачудија; и Неговата мајка Му рече: „Синко, зошто ни направи така? Ете, татко ти и јас со голема болка Те баравме.“

49. А Тој рече: „Што сте Ме барале? Зар не знавте дека Јас треба да бидам во она коешто е на Мојот Отец?“

50. Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој.

51. И Тој слезе со нив, па дојде во Назарет и им беше послушен. А мајка Му ги зачува сите тие настани во срцето свое.

52. Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето.

Прочитајте целосна глава Лука 2