31. И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господа.‘“
32. Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.
33. И кога го одврзуваа магарето, стопаните негови им рекоа: „Зошто го одврзувате магарето?“
34. Тие одговорија: „Потребно Му е на Господа.“
35. И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија облеките свои на магарето, Му помогнаа на Исус да се качи.
36. И додека минуваше Тој, ги постилаа своите наметки по патот.
37. А кога наближи до подножјето од Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почна, радувајќи се, громогласно да Го прославува Бога, за сите чуда што ги видоа,
38. велејќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“
39. А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!“
40. Но Тој им одговори и рече: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“
41. А кога се приближи и го виде градот, заплака над него
42. и рече: „Кога би можел во овој твој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи.
43. Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со ровови и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни;
44. и ќе те разорат тебе и децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше посетен.“
45. И кога влезе во храмот, почна да ги гони оние што продаваа и купуваа во него,
46. велејќи им: „Напишано е: ‚Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.‘“