Нов Завет

Лука 19:20-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

20. И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував заврзана в крпа,

21. зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш од каде што не си оставил и жнееш, каде што не си сеел.‘

22. А тој му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум строг човек: земам од каде што не сум оставил и жнеам, каде што не сум сеел;

23. тогаш, зошто не ги даде моите пари кај трговците, та кога ќе се вратам, да си ги соберам сосе добивка?‘

24. Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘

25. И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘

26. Ви велам дека секому што има ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она што го има.

27. А оние мои непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!“

28. Кога го рече тоа, Тој тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим.

29. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до таканаречената Маслинова Гора, испрати два ученика,

30. велејќи: „Одете во селоно отспротива. Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано магаре, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го!

31. И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господа.‘“

32. Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.

33. И кога го одврзуваа магарето, стопаните негови им рекоа: „Зошто го одврзувате магарето?“

34. Тие одговорија: „Потребно Му е на Господа.“

35. И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија облеките свои на магарето, Му помогнаа на Исус да се качи.

36. И додека минуваше Тој, ги постилаа своите наметки по патот.

37. А кога наближи до подножјето од Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почна, радувајќи се, громогласно да Го прославува Бога, за сите чуда што ги видоа,

38. велејќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“

39. А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!“

Прочитајте целосна глава Лука 19