Нов Завет

Лука 19:15-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

15. А кога се врати, по примањето на царската власт, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им ги беше дал парите, за да види, кој колку спечалил.

16. Дојде првиот и му рече: ‚Господаре, твојата мина заработи десет мини.‘

17. И му рече: ‚Добро, верен слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘

18. Дојде вториот и рече: ‚Господаре, твојата мина заработи пет мини.‘

19. А тој и нему му рече: ‚И ти биди – над пет градови.‘

20. И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував заврзана в крпа,

21. зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш од каде што не си оставил и жнееш, каде што не си сеел.‘

22. А тој му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум строг човек: земам од каде што не сум оставил и жнеам, каде што не сум сеел;

23. тогаш, зошто не ги даде моите пари кај трговците, та кога ќе се вратам, да си ги соберам сосе добивка?‘

24. Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘

25. И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘

26. Ви велам дека секому што има ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она што го има.

27. А оние мои непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!“

Прочитајте целосна глава Лука 19