Нов Завет

Лука 19:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него.

2. И ете, еден човек по име Закхеј, кој беше началник на цариниците, и беше богат,

3. настојуваше да види Кој е Тој Исус, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст.

4. Затоа потрча напред и се качи на една дива смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да помине.

5. Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.“

6. И тој веднаш слезе и Го прими со радост.

7. И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде да гостува кај грешен човек.“

8. А Закхеј застана и Му рече на Господ: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако некого сум оштетил, четворно ќе вратам.“

9. А Исус му рече: „Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов.

10. Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено.“

11. А на оние што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека веднаш ќе се појави царството Божјо,

12. па рече: „Еден благородник заминуваше во далечна земја да прими царска власт за себе и потоа да се врати.

13. Тогаш ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: ‚Тргувајте со нив, додека да се вратам!‘

14. Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: ‚Нејќеме тој да царува над нас.‘

15. А кога се врати, по примањето на царската власт, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им ги беше дал парите, за да види, кој колку спечалил.

Прочитајте целосна глава Лука 19