Нов Завет

Лука 16:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. А на учениците Свои им рече: „Си беше еден богат човек кој имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.

2. И тој го повика, и му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘

3. А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам, да просам – се срамам.

4. Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, откако ќе бидам отпуштен од раководењето на куќата.‘

5. И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘

6. Тој одговори: ‚Сто мери масло.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши педесет!‘

7. Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши осумдесет!‘

8. И го пофали господарот несправедливиот настојник, зашто постапил досетливо; зашто синовите на овој свет кон својот род се подосетливи од синовите на светлината.

9. И јас ви велам: создадете си пријатели преку неправедно богатство, па, кога ќе осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.

10. Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот во малку и во многу е несправедлив.

11. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското?

12. И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето?

13. Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамон.“

Прочитајте целосна глава Лука 16