Нов Завет

Лука 14:11-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“

12. А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ниту роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено.

13. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, сакатите, куците, слепите,

14. и ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“

15. А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“

16. А Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;

17. и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘

18. И почнаа сите по ред да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘

19. Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘

20. Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘

21. Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука сиромашните, сакатите, куците и слепите!‘

22. И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘

23. И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘

24. Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја. Зашто мнозина се поканети, но малкумина се избрани.“

Прочитајте целосна глава Лука 14