Нов Завет

Лука 10:23-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

23. И откако се сврте кон учениците насамо им рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.

24. Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја.“

25. И ете, стана еден законик, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?“

26. А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“

27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“

28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“

29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“

30. Исус му одговори и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов.

31. Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, го одмина.

32. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и го одмина.

33. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.

34. И откако пријде, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.

35. А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘

36. Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“

37. А тој одговори: „Оној што му искажа милосрдие.“ Исус му рече: „Оди и ти прави така!“

38. И додека патуваа, Тој влезе во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.

39. А таа имаше сестра што се викаше Марија. Таа седна до нозете Господови и го слушаше словото Негово.

40. Марта беше многу зафатена околу служењето и, кога пријде, Му рече: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне.“

Прочитајте целосна глава Лука 10