Нов Завет

Лука 10:12-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

12. Ви велам дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.“

13. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Сидон се случеа чудата што се случија кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале.

14. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на Судот, отколку вам.

15. И ти, Капернауме, кој си се издигнал до небото, до адот ќе бидеш симнат.

16. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.“

17. Се вратија, пак, седумдесетте со радост и велеа: „Господи, во Твое име и демоните ни се покоруваат.“

18. А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото како молња!

19. Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети;

20. но не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата.“

21. Во тој час се зарадува Исус во Духот и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а си им го открил на малечките. Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.“

22. Па, откако се сврте кон учениците, им рече: „Сѐ Ми предаде Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – оној кому што сака Синот да му открие.“

23. И откако се сврте кон учениците насамо им рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.

24. Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја.“

25. И ете, стана еден законик, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?“

26. А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“

27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“

28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“

29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“

Прочитајте целосна глава Лука 10