Нов Завет

Лука 1:25-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

25. „Така ми направи Господ во деновите кога погледна на мене за да го симне срамот од мене меѓу луѓето.“

26. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет,

27. кај една девојка. Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.

28. И кога влезе ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

29. А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав.

30. И ѝ рече ангелот: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла благодат во Бога;

31. и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус.

32. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид;

33. и ќе царува над домот Јаковов засекогаш, и царството Негово нема да има крај.“

34. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“

35. Ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.

36. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;

37. зашто кај Бога ниеден збор не останува невозможен.“

38. Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ И ангелот си отиде од неа.

39. А Марија стана во тие дни и поита во горскиот крај, во градот Јудин;

40. па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.

41. Штом го слушна Елисавета поздравот на Марија, заигра детето во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети,

42. па извика со силен глас и рече: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!

43. И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ?

Прочитајте целосна глава Лука 1