Нов Завет

Лука 1:13-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

13. Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е услишена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован.

14. И ќе ти биде радост и веселие; мнозина ќе се зарадуваат заради неговото раѓање.

15. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ниту жесток пијалак, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;

16. и многу Израилеви синови ќе ги обрати кон нивниот Господ Бог;

17. и тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон мудроста на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“

18. И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе во поодминати години.“

19. Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и ова да ти го благовестам;

20. и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден кога ќе се случи тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“

21. Народот го чекаше Захарија и се чудеше зошто се забави во храмот.

22. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и така разбраа дека имал видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

23. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.

24. По тоа време зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:

25. „Така ми направи Господ во деновите кога погледна на мене за да го симне срамот од мене меѓу луѓето.“

26. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет,

27. кај една девојка. Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.

28. И кога влезе ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

29. А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав.

Прочитајте целосна глава Лука 1