поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Нов Завет

Колосјаните 3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. И така, ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е го­ре, каде што Христос седи оддесно на Бога;

2. мислете за небесното, а не за земното.

3. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога.

4. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.

Стариот и новиот живот

5. Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!

6. Поради тие пороци доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста,

7. меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци.

8. А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!

9. Не лажете се еден со друг, зашто ве­ќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела,

10. и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател.

11. Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос.

12. И така, како избраници Божји, све­ти и возљубени, облечете се во мило­с­рд­ност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;

13. трпете се еден со друг и проштавај­те си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!

14. А над сето тоа облечете се во љубов, која сѐ сврзува во совршенството,

15. и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!

16. Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господ со благодарност во срцата ваши!

17. И сѐ што правите со збор или со де­ло, правете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!

Лични односи во новиот живот

18. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во име­то на Господ!

19. Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!

20. Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е бла­го­угодно на Господ!

21. Татковци, не дразнете ги децата свои, за да не паѓаат со духот!

22. Вие, слуги, во сѐ бидете им пос­луш­ни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како оние што сакаат да се умилкуваат на луѓето, туку во простота на срцето, со страхопочит кон Бога!

23. И сѐ што правите, правете го од ду­шата, како за Господ, а не за луѓе,

24. знаејќи дека како награда ќе добиете од Господ наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите.

25. А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да има пристрасност!